Шест дена по смртта на пет берберски овци во Зоолошката градина во Скопје, јавноста дури денеска дозна за случајот. Од установата за „Фокус“ го потврдија инцидентот, при што првичните сомнежи упатуваат дека животните можеби биле отруени од гранки на зимзелено растение познато како Свето дрво или Тиса, бидејќи вакви остатоци биле пронајдени во нивниот простор.
Сепак, за да се утврди точната причина за нивното угинување, официјалните резултати од обдукцијата се сè уште во фаза на очекување.
Ова растение е познато како исклучително токсично бидејќи содржи алкалоид таксин, кој може да биде смртоносен за луѓе и животни. Поради тоа, се препорачува внимателност и избегнување на негов контакт со миленици и деца. Од зоолошката истакнуваат дека растението со години било присутно во градината на различни локации, но досега не биле забележани слични инциденти. Одговорните лица негираат дека животните биле недоволно нахранети, што би можело да ги натера да консумираат потенцијално токсични гранки.
Настанот, кој ја вознемири јавноста, е само еден од низата зачестени случаи на угинување на животни во зоолошката во изминативе три години. „Фокус“ разговараше со Ѓорги Галетановски, некогашен директор на градината, кој во неговиот мандат спроведе значителни подобрувања и модернизација во условите за животните.
Тој изрази зачуденост од тврдењата дека овците биле отруени од Свето дрво и повика да се избегнуваат шпекулации додека Агенцијата за храна и ветеринарство не ги објави своите официјални наоди.
– Ако тоа растение беше толку опасно, за време на мојот управувачки период, сигурно некое животно ќе беше настрадало! Во Зоолошката градина работи биолог кој е одговорен за следење на состојбата на растенијата и квалитетот на храната што ја добиваат животните.Ако навистина се знаело за присуство на такво токсично растение, сигурно навремено ќе било отстрането. Односно,сето ова што сега се изнесува во јавноста изгледа како приказни за мали деца – вели Галетановски,кој тврди дека според неговите информации,не загинале пет,туку дури седум животни.
Од Зоолошката градина, пак, на прашањето зошто информацијата допрела до јавноста дури шест дена по инцидентот, одговорија дека веднаш по случката испратиле известување до Град Скопје. Очигледно, институцијата сметала дека со тоа ја исполниле својата обврска за транспарентност.
Галетановски, пак, изрази незадоволство поради недостатокот на отвореност од страна на раководството на градината и смета дека директорот на установата, Зоран Попов, требало самостојно да ја информира јавноста за сите релевантни настани.
– Некоректно е што повторно изостанува транспарентноста. Директорот е должен да ја информира јавноста без да чека одобрение од Град Скопје. Сепак, ова веќе стана негово редовно оправдување. Искрено, не сум сигурен ниту дали воопшто оди на работното место! Нека не се нагаѓа, потребно е да ги почекаме наодите на АХВ.Лесно е да се утврди дали навистина се работи за труење. Животните се хранат со сено набавено преку тендер, па не гледам причина зошто би јаделе отровни растенија. Надлежните можат да ги прегледаат снимките од надзорните камери, кои беа поставени за време на мојот мандат – порача Галетановски.
Овој случај не е единствен. Имено, во 2023 година во зоолошката градина беа регистрирани случаи на труење, кога загинаа три Пржевалски коњи, редок и загрозен вид. И тогаш,како и сега,одговорните лица најпрвин не излегоа со информации во јавноста,правејќи се дека го чекаат обдукцискиот извештај.
Резултатите подоцна потврдија дека коњите биле затруени со силен отров, а дополнителен сомнеж предизвика фактот што камерите што требало да ја покриваат областа каде што се чувале овие животни биле расипани, па немало видео-докази.
Сè уште не е откриено кој стои зад случајот со Пржевалските коњи.




