На прес-конференцијата по натпреварот со Турција, селекторот Гоце Седлоски го изрази својот став.
„Најпрвин, сакам да ѝ честитам на Турција за заслужената победа. Тие се одлична репрезентација, исполнета со квалитетни фудбалери. Загубивме со 4-0 и ја преземам целата одговорност, бидејќи јас ги поставувам играчите. Ова беше пријателски натпревар, во кој им дадов шанса на сите фудбалери. Од овие натпревари мораме да учиме многу. Исто така, точно е дека имаме четири меча без постигнат гол. Работиме на тој аспект на тренинзите. Игравме со силни противници и, иако тоа не е оправдување, мораме да продолжиме со работа. Откако добиваме голови од наши грешки, треба да анализираме што сме направиле погрешно за да не ни се повторуваат тие ситуации.
За некои од играчите, ова е ново искуство, и се надевам дека сè ќе биде добро.
Данска и Турција ни постигнаа по четири голови. Иако денеска беше пријателски натпревар, секогаш мора да учиме.
Знаеме со какви фудбалери располагаат ривалите. Ние создававме нешто ново, а секој кој е повикан треба да даде максимум. Не смееме да се распаѓаме по примен гол. Мора да ги научам играчите дека треба да оправдаат довербата да бидат дел од националниот тим. Имам јасна слика за секој од нив и ќе одлучам како ќе работиме пред почетокот на Лигата на нациите. Дел од измените беа принудни на полувреме. Имаше играчи кои планирав да ги вметнам по еден час игра, но не бев задоволен од дефанзивата која јас ја поставив тактички, па затоа менував. Сите дадоа максимум, но против вакви репрезентации, секоја грешка е скапа. Треба да ги избегнеме, внимателно да ги анализираме и да не се повторуваат. Фудбалерите кои ги повикав, одговорноста е на мене, а кој ќе игра во септември ќе видиме“, изјави Седлоски.
Пред нашата репрезентација есенва стои уште еден значаен предизвик, како што е натпреварувањето во Лига Б од Лигата на нациите. Овие тестови беа корисни бидејќи нивото на ривалите е слично, а во нашата група ќе играме против Швајцарија, Словенија и Шкотска.




