Изолираноста на Македонија во моментов создава загриженост, особено затоа што таа само ќе се заострува, а тоа нема да го спречи иселувањето, ниту ќе ги врати младите. Напротив. И покрај изјавите на премиерот дека младите се враќаат со авиони, се поставува прашањето дали воопшто постои визија за нивната иднина тука, изјави Јон Фрчкоски, член на Извршниот Одбор на СДСМ, во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Фрчкоски нагласи дека најзагрижувачки е фактот што одат млади и образовани луѓе. „Тоа е тивка катастрофа. Државата вложува во нив, а резултатите ги користат други земји. Ова е последица на долгогодишната несигурност и погрешни политики“, додаде тој.
Во контекст на надворешната политика, Фрчкоски истакна дека во однос на стратешкото партнерство со САД, денес сме подалеку од кога и да било. „Партнерството со САД отсекогаш било клучно за Македонија. Но, имам впечаток дека во моментов сме подалеку од каква било поддршка од нив отколку што сме биле порано. Немаме конкретни односи, туку само шетање по ходниците на премиерот, од кои не добиваме ништо. Во Давос немаше средба со значаен лидер, а истовремено декларативно истакнуваме симпатии кон САД, додека сме на една друга, дури и антиевропска линија, која многу пати ја споменуваме во јавната комуникација. Тоа е оската Орбан – Вучиќ – Мицкоски, која на крајот не води кон Запад и САД, туку веројатно кон Москва“, заклучи Фрчкоски.




