Француски авантуристи успеаја да достигнат Шангај по една и пол година пешачење.

Двајца француски авантуристи успешно го завршија своето неверојатно патување од родниот Анси до Шангај, поминувајќи речиси една и пол година на пат низ 16 земји, главно пеш.

Уморни, но исполнети со радост, Лоик Воазо и Бенжамин Умбло се прегрнаа покрај реката на шеталиштето Бунд, додека зад нив трепкаа светлините на кинеската финансиска престолнина.

Дваесет и шестгодишниот Воазо и една година повозрасниот Умбло тргнаа од своето родно место во септември 2024 година со идеја за „голема авантура“. Тие желеаат да ја посетат Кина, но одлучија да не летат, верувајќи дека тоа би било премногу штетно за животната средина.

„Тешко е да се поверува дека ова е реалност, дека сме поминале сето тоа пеш, и дека конечно сме тука, откако толку долго сме размислувале за Шангај“, изјави Воазо за медиумите.

„Се чувствуваме горди, особено што се осмеливме да направиме нешто толку големо. Не бевме сигурни дали ќе успееме, но си рековме дека ќе се обидеме“, додаде тој.

Двојката помина 518 дена на пат, покривајќи растојание од околу 12.850 километри, и за време на патувањето, паузираа на секои пет до седум дена. Пешачеа просечно околу 45 километри дневно, освен во Русија, каде што заради безбедност и логистика користеа автобус.

Своето патување го споделуваа со светот преку социјалните мрежи.

На крајот од рутата, ги пречекаа група локални жители кои ги следеа преку интернет, а на последните километри им се придружија и медиумски претставници, како и француски жители на Шангај.