Франција бара од арапските земји да го осудат Хамас на конференцијата во Њујорк.

Француската Влада се надева дека арапските земји ќе го осудат палестинското исламистичко движење Хамас на дводневната конференција на високо ниво во Њујорк, наменета за израелско-палестинскиот конфликт, пренесува агенцијата ДПА.

Министерот за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, во интервју за неделното издание на весникот „Трибјун“ истакна дека ваквото осудување би било историско и би довело до целосна меѓународна изолација на Хамас.

Конференцијата, организирана од Франција и Саудиска Арабија, ќе биде фокусирана на можностите за постигнување решение со две држави во контекст на израелско-палестинскиот конфликт.

Хамас ја презеде контролата над Појасот Газа во 2007 година. По нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година, при кои загинаа цивили, израелската армија започна офанзива за елиминација на исламистичкото движење.

Баро додаде дека европските земји на конференцијата ќе го потврдат својот став за признавање на палестинската држава. „Половина од европските држави веќе ја признаа Палестина, а другите сериозно размислуваат за тоа“, рече Баро.