Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб синоќа свечено беше отворена изложбата „Дијалог преку бојата“, која обединува осум современи уметници од Македонија и Хрватска во заеднички уметнички проект. Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, која истакна дека: „проектот ‘Дијалог преку бојата’ ја нагласува важноста на заедничкото претставување како креативен чин, со кој ќе се продлабочи соработката меѓу македонските и хрватските уметници, како и ќе поттикне нови проекти што ќе ги претстават културните вредности на двете земји. Оваа средба на четири македонски и четири хрватски признати уметници создава платформа за размена на идеи, каде боите стануваат јазик кој ги надминува зборовите“.



Македонските уметници – Сергеј Андреевски, Решат Ахмети, Тања Балаќ и Башким Меџити – донесуваат ликовно богатство, од апстрактни форми до портрети на секојдневниот живот, одразувајќи длабоки традиции и современи трансформации. Хрватските уметници, Томислав Бунтак, Федор Фишер, Данко Фришќиќ и Матко Векиќ, исто така, се истакнуваат преку својата разновидност: од пејзажи и фигуративни композиции до експериментални техники, инспирирани од медитеранското светло и урбаните приказни.






Оваа изложба нуди богат и разновиден ликовен израз преку кој се потврдува уметноста како универзален јазик, што ги поврзува културите и отвора простор за дијалог и разбирање. На настанот, во присуство на многубројни гости, претставници на локалната и државната власт, дипломатскиот кор, како и љубители на уметноста, помина во духот на заедништво и размена на идеи. Присутните ги поздрави и Амбасадорот на Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, што уште еднаш го нагласи значењето на културната соработка и дијалогот меѓу двете држави преку уметноста.




Македонскиот КИЦ во Загреб повторно ја потврди својата улога како простор за средби, дијалог и културна размена помеѓу македонската и хрватската култура, како и во поширокиот европски културен контекст. Групната изложба „Дијалог преку боја“ е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ, поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Фото: МКИЦ Загреб



