(ФОТО+ВИДЕО) Илјадници Романци протестираа против поништувањето на претседателските избори

Одлуката за поништување на изборите дополнително ја ослаби довербата на јавноста во државните институции и ги поларизира гласачите лути поради внатрешните спорови во главните партии и наводите за корупција

Протест поради поништените претседателски избори пред Уставниот суд во Букурешт, Романија Фото: EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Илјадници Романци протестираа денеска пред зградата на Уставниот суд против поништувањето на првиот круг од претседателските избори во декември, на кои победи малку познат проруски кандидат. Протестите се одржуваат од 6 декември кога Уставниот суд ги поништи изборите, два дена пред вториот круг.

Одлуката беше донесена откако државните документи покажаа дека победникот во првиот круг Калин Георгеску имал корист од неправедната кампања на социјалните мрежи, најверојатно организирана од Русија. Москва негираше дека се мешала во романските избори.

Одлуката за поништување на изборите дополнително ја ослаби довербата на јавноста во државните институции и ги поларизира гласачите лути поради внатрешните спорови во главните партии и наводите за корупција.

Адвокатот на Георгеску денеска поднесе барање до Уставниот суд за поништување на својата одлука. Околу 4 000 негови поддржувачи се собраа пред зградата на судот со ковчег на кој пишуваше „Демократија“, извикувајќи „Сакаме да гласаме“ и „Вратете го вториот круг“.

Романската владејачка коалиција оваа недела се согласи да ги повтори претседателските избори на 4 и 18 мај, речиси шест месеци по поништениот прв круг. Дотогаш претседателот во заминување, Клаус Јоханис, чиј мандат истече на 21 декември, ќе остане на функцијата.

Не е познато дали на Георгеску, кој го критикува НАТО и се спротивставува на поддршката на Романија за Украина, ќе му биде дозволено повторно да се кандидира.

Романија има најдолга копнена граница со Украина во ЕУ и НАТО. Помогна за извоз на милиони тони украинско жито преку црноморското пристаниште Констанца, обучи украински воени пилоти и му го донира противракетниот систем „Патриот“ на Киев.

- Реклама -