(ФОТО) „Правда за Фросина“ и „Стоп за сообраќајното насилство“ се извикуваше на протестниот марш низ Неготино

„Доколку судијката му го продолжила притворот до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација, тој само ќе беше спроведен во затвор, а мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска-Стоојановска“, рече во својот говор пред присутните сестрата на Фросина, Росица Кулакова

Под слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“ попладнево на плоштадот во Неготино се одржа протест за правда за прерано згаснатиот живот на Фросина Кулакова, која на 29 јануари беше прегазена поминувајќи на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, но и за сите жртви во сообраќајот.

Родителите на Фросина, нејзините другарки, роднини, но и голем број граѓани запалија свеќи, а потоа одржаа мирен протестен марш по улиците на нејзиниот роден град.

Родителите и сестрата на Фросина на протест во Неготино / Фото: МИА

Изразија револт против неказнивоста на ваквите дела во сообраќајот, но и ја потенцираа корумпираноста во судството.

Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, се обрати пред присутните и посочи дека коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети, зашто, како што рече, законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во практика ги досудува.

Тогаш, рече Росица, секој од нас ќе знае и размислува за последиците пред постапките.

Сестрата на Фросина, Росица Кулакова им се обрати на присутните на протестот во Неготино / Фото: МИА

„Доколку судијката му го продолжила притворот се до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација, тој само ќе беше спроведен во затвор, а мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска-Стоојановска“,

рече таа.

Во името на другарките на Фросина на протестот се обрати Катерина Недева која рече дека со протестот сакаат да се вклучи колективниот аларм за создавање безбедни и сигурни улици, но и почитувани правила од свесни учесници во сообраќајот зашто, како што посочи, со секоја несреќа, со секој одземен живот умира дел од човечноста на заедницата.

„За да ја поттикнеме одговорноста кај возачот, мора да ја казниме неодгвоорноста на возачот без сообраќајна дозвола. Секој чекор од овој протестен марш е поддршка за семејствата што изгубиле дел од својата душа и што мора да продолжат да чекорат со товарот на загубата. Од моментот кога една човечка судбина добила име, општеството станува должник на семејството. А нему единствена утеха може да му биде правда за неговото дете“,

кажа таа.

На протестот дојдоа и блиски на загинатите Михаела Стевановска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, кои побараа ревизија на сите сомнителни судски случаи.

Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари загина во сообраќајна несреќа откако во неа со автомобил удри 20-годишниот Васил Јованов, кој сега е во притвор.

Изминатиот викенд се одржаа неколку протести низ главниот град, на кои се бараше правда за прерано згаснатиот живот на Фросина.

Организаторите на протестите бараат безбедни улици за сите, строга контрола за возење под дејство на алкохол и наркотици, најстроги казни за оние што возат без дозвола или намерно ги загрозуваат животите на другите, но и одговорност од институциите и крај на заташкувањето на сообраќајните злосторства и правна правда за жртвите.

Поврзани вести: