„(Фото) Министерство за внатрешни работи и ТАВ Македонија: Успешно реализирана вежба „Сигурен хоризонт 2026“ – тестирање на подготвеноста за одговор на комплицирани безбедносни предизвици“

Денес, на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, успешно се спроведе симулациската вежба под наслов „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“. Организатор на вежбата беше Секторот за полициски работи при Бирото за јавна безбедност, во соработка со ТАВ Македонија. На настанот присуствуваа директорот на Бирото, Александaр Јанев, заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, и претставници од различни институции включени во системот за безбедност и управување со кризни ситуации.

Вежбата се реализираше во согласност со Националниот план за постапување во вонредни состојби, насочен кон незаконски закани за безбедноста на цивилното воздухопловство. Нејзина главна цел беше да се тестира подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни предизвици.

Сценариото на вежбата опфаќаше неколку фази, вклучувајќи диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалот, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација и преговори. Сето ова беше проследено со медицинска интервенција и стабилизација на ситуацијата.

Директорот Јанев истакна дека ваквите вежби се од клучно значење за безбедносниот систем, нагласувајќи: „Целта на оваа вежба е обемно тестирање на системот за одговор во услови на комплексни безбедносни закани. Преку симулацијата на реални ситуации, проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, како и нивната способност за ефективна и брза реакција, и координацијата помеѓу сите засегнати“.

Прочитајте и:  (Видео) Галетановски го побара одговорот: Дали вработен во „Лајка“ однел куче на Дрисла?

Заменик генералниот директор на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, ја истакна важноста на безбедноста на патниците и персоналот: „Денешната вежба потврди дека безбедносните служби на ТАВ Македонија се во висок степен на подготвеност и дека имаме одлична координација со Министерството за внатрешни работи. Ваквите вежби ни помагаат да ја подобриме нашата способност за брза и ефикасна реакција на сложени безбедносни ситуации“.

Со спроведувањето на вежбата, тестирани беа капацитетите за брза реакција, интеринституционалната координација и комуникација, како и способноста за управување со кризни ситуации, со особено внимание на заштитата на патниците и аеродромската инфраструктура.

Министерството за внатрешни работи упати благодарност до сите учесници во подготовката и реализацијата на вежбата, а ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош играа клучна улога. Во иднина, Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија ќе продолжат со организирање на заеднички вежби, целејќи кон постојано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.