Спирален сегмент од оригиналните скали на Ајфеловата кула во Париз беше продаден во четвртокот за над 450.000 евра на аукција во француската престолнина.
Купувачот, присутен во аукциската сала, стана нов сопственик на скалилата со 14 степена, високи 2,7 метри и тешки 1,4 тони, кои потекнуваат од 1889 година, кога беше завршен овој славен споменик.
„Купувањето парче од Ајфеловата кула значи купување дел од Париз, заедно со се она што овој симбол го претставува“, изјави Сабрина Дола, директорка за дизајн во стилот „арт деко“ во аукциската куќа Artcurial, која ја организираше продажбата.
Пред повеќе од четири децении, вкупно 160 метри од скалилата беа исечени и поделени на помали делови, заменети со лифтови кои сега ги носат посетителите до највисоката платформа на Ајфеловата кула.
Продадениот дел достигна цена од 450.160 евра, што е трипати повеќе од горната граница на проценката пред аукцијата, која се движеше помеѓу 120.000 и 150.000 евра.
Во 2008 година, еден дел од кула беше продаден на приватен американски купувач за рекордни 550.000 евра.




