Танцовиот перформанс “Митот за Амазонките”
Танцовиот перформанс “Митот за Амазонките”, инспириран од легендата за митската раса на жени воини, беше изведен синоќа на фестивалот “Охридско лето”, во изведба на грчкиот танцов театар “АРТ денс”.
Во ова малку спектакуларно музичко-сценско дело, Амазонките се поставени како симбол на сила, независност и еднаквост. Нивниот мит откажа на сцената на “Долни Сарај” преку динамичен спој на современ танц и театарски израз, придружен со оригинална музика компонирана од Јанис Псимадас, специјално создадена за оваа претстава.
Приказната за Амазонките беше претставена преку два мита: настанот во кој Херкулес ѝ го одзема златниот појас на кралицата Хиполита и митот за трагичната иронија на љубовта во време на војна. Во еден потресен двобој помеѓу Ахил и Пентесилеја, Ахил ја убива, а по смртта ѝ го отстранува сребрениот шлем, спознавајќи ја нејзината убавина, но во поголема мера, ја доживува безнадежноста на својата љубов.
Креативноста на изведувачите, вклучувајќи ги Аигли Сарлани, Никос Кормпакис, Афродити Вервениоти, Мелина Бала, Кристина Карагиованиди, Мариеви Лефкиммијати и Катерина Петрополу, донесе доживување полно со емоции и сила. Грчките уметници се истакнаа со силен колективен израз и успешно успеаја да го пренесат ова дело како атракција за публиката, која под отвореното небо уживаше во спојот на антиката и современото.
Кореографка и сценаристка на претставата е Артемис Игнатиу, која исто така е и режисерка, кореографка и уметнички директор на церемонијата на палење и предавање на Олимпискиот оган. Игнатиу е основач на танцовиот театар “АРТ денс”, кој премиерно ја изведе оваа претстава во 2013 година за време на Културниот фестивал во музејот “Бубулина” во Спетсес, Грција.
Во 2014 година, овој перформанс беше избран од Грчкото министерство за култура за да ја претставува Грција на Интернационалниот фестивал во Сус, како и на неколку други фестивали во Тунис. Во 2017 година, во рамките на културната соработка помеѓу Грција и Кина, “Амазонките” се изведуваа во Гуанжу и Шунде-Фошан, а во 2022 година, тие беа дел од активностите за одбележување на Тирана како европски младински град на 2022 година.
На “Митот за Амазонките” присуствуваа и претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, која е и покровител на фестивалот, како и амбасадорката на Република Грција во нашата земја, Софија Филипиду.




