Роберт Дорнбос, поранешен возач на Формула 1 и амбасадор на трките во Абу Даби, изрази надеж дека неодамна откажаната Голема награда на Саудиска Арабија би можела повторно да се врати во календарот и да се одржи подоцна во текот на годината.
Трката во Бахреин беше планирана за 12 април, а Саудиска Арабија требаше да биде домаќин на Формула 1 на 19 април. Меѓутоа, двете трки беа откажани поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Како резултат на ова, сезоната бележи необично долга пауза од пет недели, помеѓу Големата награда на Јапонија (29 март) и следната трка во Мајами (3 мај).
По откажувањето на овие две трки, календарот за 2026 година сега содржи 22 трки, наместо првичните 24, а откажаните настани не се предвидени за надоместување во април.
Дорнбос, сепак, поттикна шпекулации дека трката во Џеда би можела да се врати. Според него, постои можност Големата награда на Саудиска Арабија да се одржи на 6 декември, додека крајот на сезоната во Абу Даби би се преместил на 13 декември.
„Слушнав разни информации. Знаеме колку е важен Арамко како спонзор на Формула 1 и колку значајно инвестира во промоцијата на трката во Џеда. Има реална шанса трката да се врати во календарот оваа година“, изјави Дорнбос.
Арамко, државната нафтена компанија на Саудиска Арабија, е една од клучните партнери на Формула 1 и важен финансиер на големи спортски настани глобално.
Според овие информации, крајот на шампионатот би можел да изгледа значително поинаку, со четири последователни трки: Лас Вегас, Катар, Саудиска Арабија и Абу Даби.
Во моментот, Големата награда на Абу Даби е закажана за периодот од 3 до 6 декември на патеката „Јас Марина“, каде што традиционално се определува шампионот. Сепак, ако дојде до промени во календарот, постои можност оваа трка да се премести за една недела подоцна.
Фото/ Depositphotos




