Фолксваген сака да затвори три фабрики во Германија, десетици илјади луѓе ќе останат на улица

„Управниот одбор на Фолксваген (VW) планира да затвори најмалку три фабрики во Германија“, изјави претседателката на работниот совет на компанијата Даниела Кавало на информативната средба со вработените во Волфсбург, пренесува DW.

Таа додаде дека сите преостанати фабрики ќе мора да ги намалат своите капацитети. Раководството на компанијата сега ги информираше претставниците на вработените за овие планови.

Според советот на работниците, особено загрозена е фабриката во Оснабрик, која штотуку го загуби очекуваниот нов договор со Порше. Кавало додаде дека администрацијата планира масовни отпуштања: според проценките на работничкиот совет, десетици илјади работни места се загрозени. Цели сектори би можеле да бидат затворени или преместени во странство.

„Сите фабрики на Фолксваген во Германија се засегнати од овие планови. Ниту една не е безбедна“, изјави Кавало, без да даде детали.

Фолксваген вработува околу 120.000 работници во Германија, од кои половина се во Волфсбург. VW има вкупно десет фабрики во Германија, од кои шест се во Долна Саксонија, три во Саксонија и една во Есен.

Прочитајте и:  Германија усвои закон со кој се овозможува административна промена на пол и име еднаш годишно

Во септември, VW го раскина договорот за безбедност на работното место, кој беше во сила повеќе од 30 години. Ова овозможува да се отпуштат работници поради таканаречени „деловни причини“ почнувајќи од средината на 2025 година.

Менаџментот на Volkswagen и синдикатот IG Metal ќе се сретнат во среда за вториот круг преговори за колективниот договор. Веќе во првиот круг во септември, VW ги отфрли барањата на IG Metal за зголемување на платите од седум проценти, инсистирајќи на штедење, но не даде прецизни информации за тоа.

Според Кавало, VW сега бара намалување на платите за десет проценти и замрзнување на платите во следните две години. VW на почетокот на септември објави дека повеќе не исклучува затворање на фабрики и отпуштање работници.

- Реклама -