Финска повторно повика на разговор руски дипломат по нов инцидент со воздушниот простор.

Финското Министерство за надворешни работи го повика на разговор највисокиот руски дипломат во Хелсинки, поради наводно нарушување на финскиот воздушен простор од страна на руски воен авион. Ова е втор сличен инцидент во последните три недели.

Според информациите од финските власти, рускиот авион навлегол во воздушниот простор на Финска во близина на крајбрежниот град Порвоо, на Финскиот Залив. Граничната служба започнала истрага за инцидентот, а Министерството за надворешни работи соопшти дека денеска го повикало дипломатскиот претставник на Русија на објаснување.

„Министерството го повика вршителот на должноста шеф на руската мисија во Финска за да го разгледа овој случај“, се вели во краткото соопштение.

Финска, која стана членка на НАТО во 2023 година, сѐ почесто покажува загриженост за руските активности во нејзината близина, особено по инвазијата на Украина.