„Филмот „Малдорор“ на Фабрис ди Велц, носител на наградата од Јадранската мрежа на фестивали, ќе се прикажува во кината ширум регионот“

Филмот „Малдорор” на режисерот Фабрис ди Велц ја доби наградата на публиката на Јадранската мрежа на фестивали, која беше доделена на 31. издание на Фестивалот на авторски филм во Белград.

Целта на оваа награда е промоција и зголемена видливост на европските филмови. Со ова признание, „Малдорор” ќе се прикажува од 19 март до 9 април во различни градови низ поранешната Југославија, вклучувајќи Белград, Сараево, Херцег Нови, Љубљана и Загреб, како и во Битола (Кино Манаки 19 и 21 март и Центар за култура 25 и 26 март), Охрид (ФИОФА 27 и 28 март) и Скопје (Кинотека 7, 8 и 9 април и Синеплекс).

„Малдорор” е трилер инспириран од вистински настани во Белгија во средината на деведесеттите години. Приказната започнува со исчезнувањето на две девојчиња, а младиот и импулсивен полициски регрут Пол Шартие е приклучен во тајна единица наречена „Малдорор”, создадена за следење на опасен сексуален престапник. Откако операцијата не успева, разочаран од ограничувањата на правниот систем, Шартие решава самостојно да ги пронајде сторителите и да ги изнесе пред лицето на правда.

Филмот нуди силен и реалистичен поглед на борбата против длабокото зло, но и на општеството кое не успева да ги заштити најранливите. „Малдорор” е првиот дел на планираната трилогија на Фабрис ди Велц за темната страна на белгиската историја, правдата и моќта. Светската премиера на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Венеција.

Критичарите особено го истакнуваат интензитетот и атмосферата на филмот. Порталот „Screen Daily” вели дека „Малдорор” наликува на епските приказни за злосторства и казна, карактеристични за американската кинематографија од седумдесеттите години, особено филмовите на Сидни Лумет. Режисерот ди Велц успешно ги претвора вистинските настани во сложена приказна за полицаец кој се соочува со морални дилеми и последици.

Според порталот Cineuropa, „Малдорор” е амбициозна и повеќеслојна филмска фреска за Белгија од деведесеттите години, која истражува институционалните дисфункции и колективните трауми, но и разноликата природа на злото. Во оваа приказна, ди Велц се свртува кон полицискиот жанр, воведувајќи ја публиката во срцето на сицилијанската заедница во Шарлроа во тој период.

Филмот „Малдорор” доби најмногу гласови од публиката, со сумирање на резултатите од сите фестивали-членки на Јадранската мрежа, вклучувајќи го Фестивалот во Сараево, Херцег Нови, Љубљана, Фестивалот на авторски филмови и Фестивалот „Браќа Манаки” во Северна Македонија.

Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион е поддржана од подпрограмата МЕДИА на Програмата „Креативна Европа”.