Филипче: Што носи иднината за Владата, додека стандардот на граѓаните опаѓа?

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека Владата предводена од премиерот Мицкоски само следи како опаѓа животниот стандард на граѓаните, без да преземе конкретни мерки за намалување на цените на горивата и храната. Филипче посочи дека актуелната власт не дејствува супстанционално за справувањето со инфлацијата, во услови кога многу граѓани се соочуваат со тешкотии во покривањето на основните потреби.

„Денеска не е понудена ниедна друга мерка. Власта внимателно следи, но што следи? Како опаѓа стандардот на граѓаните? Дали тоа е она што го следи премиерот? Очигледно е дека оваа влада намерно избегнува суштински решенија, како што се намалувањето на акцизите и ДДВ-то, нешто што би довело до вистинско поевтинување на горивата, но и на храната“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека во моментот на криза, единствените мерки кои може да го заштитат животниот стандард на граѓаните се оние што ги предлага СДСМ, за што граѓаните реално ќе почувствуваат намалување на цените.

„Со укинувањето на ДДВ-то на храната, околу 250 производи би се поевтинеле, а граѓаните би заштеделе повеќе од 2.000 денари. Тоа се вистински мерки, затоа владата мора веднаш да ги прифати и да подготви пакети за помош на најранливите категории. Граѓаните не можат да бидат оставени самите. Наместо навремена реакција, Владата дозволи цените на горивата да предизвикаат спирала на раст на цените на сите производи, особено на храната“, додаде тој.

Филипче истакна дека се потребни и долгорочни решенија за стабилизирање на цените и конкретна поддршка за најранливите групи и земјоделците.

„Суштинските мерки мораат да вклучуваат долгорочни стратегии за намалување на цените на храната, заедно со акцизите на горивата. Луѓето немаат средства да ги прехранат своите семејства. Потребно е да се подготват пакети со помош за најранливите, како и поддршка за земјоделството“, заврши Филипче.