„Граѓаните во моментов живеат во економски услови кои продолжуваат да се влошуваат, со секојдневни предизвици, дрскост на цените во продавниците, најнизок животен стандард во Европа и младите кои активно бараат шанси надвор од земјата“, изјави Филипче.
Тој потсети дека СДСМ уште од почетокот на кризата предлагала пакет мерки кој вклучува намалување на ДДВ за горива на пет проценти, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и намалување на акцизите за четири денари.
„Со вакви мерки, граѓаните би почувствувале реални бенефити, што би се одразило на семејните буџети и би се спречила спиралата на поскапување на производите поврзани со цените на енергијата“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека Владата и нејзините коалициски партнери ги одбиле сите предлог-закони од СДСМ, и дека дел од мерките кои подоцна биле донесени се покажале како недостаточни и сега се укинуваат. Според него, целиот процес се случува предоцна, во време кога цените на речиси сите производи се на високи нивоа.
Во своето обраќање, лидерот на СДСМ направи споредба со останатите европски држави, истакнувајќи дека тие, за разлика од Македонија, преземаат мерки за заштита на граѓаните, со цел намалување на инфлацијата и растот на цените на енергијата.
Филипче посочи дека странските инвестиции се намалени за 60%, дека затворањето на компании – и домашни и странски – продолжува, и дека околу 1.500 луѓе останале без работа во последната година и пол. Дополнително, истакна дека буџетскиот дефицит расте, а државата должи 160 милиони евра за враќање на ДДВ кон компаниите.
Тој нагласи и дека цените на основните прехранбени производи – леб, масло, шеќер, сол, месо, млечни производи, овошје и зеленчук – значително пораснале, во некои случаи од пет до 300 проценти, што доведува до влошување на животниот стандард.
Во спротивност со оценките на опозицијата, премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција укажа дека Македонија е меѓу трите европски држави кои презеле најобемни мерки за ублажување на ефектите од ценовните шокови. Од утре, се очекува ново намалување на цените на бензините и дизел-горивото за 1,5 денари.
Според Мицкоски, на прес-конференцијата, државата според податоците на Меѓународниот монетарен фонд од 15 април е на трето место во Европа според обемот на преземените мерки како процент од бруто-домашниот производ, насочени кон ублажување на последиците од енергетската криза, не обрнувајќи внимание на тврдењата на поранешната влада на СДСМ и ДУИ.
„Нашите политики не се изолирани, туку се во согласност со светските трендови. Последните анализи на европско ниво покажуваат дека сме меѓу лидерите во имплементацијата на мерки за справување со ценовните шокови“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека енергетската криза е предизвикана од глобалните геополитички случувања и не е резултат на домашните политики, додавајќи дека владините мерки се видливи, особено на глобалните берзи.
На крај, премиерот посочи дека земјата се соочува со период на глобална неизвесност и дека ценовните шокови не се последица на домашните политики, туку на геополитичките состојби, особено на кризите во регионот и турбуленциите на светските пазари. Владата има обврска навремено да реагира и да ги заштити граѓаните и економијата.




