Единственото на што оваа влада посветува внимание се бизнис интересите на компаниите поврзани со неа, кои добиваат корист од високите цени на горивата и храната. Ова го истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Тој напомена дека ценовната спирала на сите производи, особено на храната, е веќе активирана, а досегашните зголемувања на цените имаат применето на граѓаните околу 4,5 милиони евра.
Додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки трошоци за основните потреби, некои остваруваат екстра профити. „Ова не е економска политика; тоа е заштита на интересите на одредени компании на штета на народот, и тоа денес е јасно за сите“, истакна Филипче.
Тој порача дека најважно е да им се помогне на граѓаните, да се заштити нивниот животен стандард, а не бизнис интересите, и дека треба да се преземат конкретни мерки. „Во овој момент, потребно е да се фокусираме на заштита на животниот стандард на граѓаните, а не на интересите на бизнис структурите. Со ваквиот пристап, кризата само ќе продолжи да го нарушува стандардот на нашите сограѓани. Суштинските решенија треба да опфатат мерки за долгорочно намалување на цените на храната, како и акцизите на горивата. Луѓето не можат да си дозволат основни прехрамбени производи“, рече Филипче.
Тој потсети на тоа дека во времето на најголемите кризи, како ковид пандемијата и енергетската кризата, владата на СДСМ донесе конкретни мерки со кои им помогна на граѓаните и компаниите. „Кога државата се грижи за стандардот на своите граѓани, покажува дека може да презема мерки за поддршка. Во ковид кризата, владата имаше над 110 мерки во шест пакети со вкупна вредност од 1,2 милијарди евра, со кои директно се ублажија последиците. Во енергетската криза во 2022 година, обезбедивме пакет мерки вреден 760 милиони евра, што подразбираше не само субвенции за струјата за над 600.000 домаќинства, туку и конкретна поддршка за ранливи категории граѓани, ученици, студенти, пензионери, корисници на социјална помош и самохрани родители, како и поддршка за земјоделците и компаниите“, додаде Филипче.




