Европските тунели не се доволно големи за тенковите на НАТО

Неопходна модернизација на транспортната инфраструктура во ЕУ

Автопатите и железниците во Европската унија не се способни да обезбедат брзо и делотворно преместување на војската и воената опрема во случај на конфликт со Русија, истакна европскиот комесар за транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, во свое интервју за „Фајненшл Тајмс“.

Цицикостас најави дека Европската унија планира да инвестира најмалку 17 милијарди евра во модернизација и приспособување на инфраструктурата, со цел да се подобри воената мобилност. Според него, тенковите на НАТО, кои можат да тежат и до 70 тони, во сегашните услови не би можеле да поминат низ некои тунели, а на некои мостови би можеле да предизвикаат уривање.

„Имаме стари мостови кои треба да се обноват, тесни патишта кои мора да се прошират, а некаде мостови воопшто не постојат – па ќе мора да ги изградиме од почеток,“ посочи Цицикостас.

Тој додаде дека актуелното преместување на единиците од западната кон источната Европа е бавно и неефикасно, понекогаш трае со недели, а дори и со месеци. Тоа претставува сериозна рањивост во случај на потенцијална криза на источните граници.

Во Брисел работат на создавање нова стратегија која би овозможила преместување на трупите за неколку часа, а најмногу за неколку дена. Планирана е модернизација на 500 инфраструктурни проекти, вклучувајќи патишта, мостови и железнички линии, долж четири главни воени коридори низ ЕУ. Имињата и локациите на овие проекти, координирани во соработка со НАТО, ќе се чуваат во тајност од безбедносни причини.

Треба да се потсетиме дека во јуни, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја означи Русија како „главна закана за Алијансата“, нагласувајќи дека Москва би можела да изврши напад до 2030 година.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин во интервју со американскиот новинар Такер Карлсон изрази уверување дека Русија нема намера да напаѓа земји членки на НАТО, тврдејќи дека таквите обвинувања се дел од западната пропаганда.