Европскиот парламент ќе ја тужи Европската комисија за ослободувањето на средствата за Унгарија

Европскиот парламент ќе ја тужи Европската комисија поради нејзината одлука да ги ослободи средствата од ЕУ за Унгарија, дознава ДПА.

Одлуката е донесена на денешниот состанок зад затворени врати меѓу претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и лидерите на седумте политички групи во парламентот.

Тужбата ја препорача во понеделникот парламентарната комисија за правни прашања.

Случајот се однесува на одлуката на Комисијата во декември да одмрзне 10,2 милијарди евра (11,2 милијарди долари) наменети за Унгарија, а кои беа задржани поради загриженоста за владеење на правото.

Извршната власт на ЕУ тогаш соопшти дека ги ослободува парите бидејќи Будимпешта „ги презела мерките што се обврзала да ги преземе“. Но, парламентарците ја обвинуваат комисијата дека замижува пред тековните проблеми.

Прочитајте и:  Унгарија го одложува заемот од Г7 за Украина до претседателските избори во САД

Околу 21 милијарда евра од парите на ЕУ остануваат недостапни за Унгарија, се вели во соопштението за печатот на Комисијата во кое ја објави својата одлука во декември.

Случајот ќе се разгледува пред највисокиот суд на Европската унија, Европскиот суд на правдата.

- Реклама -