Свлечиште при ископ во Центар: затрупан багер, ракувачот се спасил
Денес, 25 мај 2026 година, околу 13:30 часот, на улицата „Христо Смирненски“ во општина Центар, при ископ за изградба на зграда со градежен багер, дошло до свлечиште на земјиштето. Багерот бил затрупан, но ракувачот навреме излегол и е без повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од свлечиштето се оштетени делови од тротоарот и коловозот, а падната бандера удрила во патничко возило „Дација Сандеро“, сопственост на Е.М.
За настанот се известени Центарот за управување со кризи, ЕВН и други надлежни служби. Полициски екипи се на терен и се преземаат мерки за обезбедување и расчистување на местото.
Претходно, граѓанската група „Во одбрана на Буњаковец“ објави информација и видео за случувањето, наведувајќи дека свлечиштето е кај спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“, со можни оштетувања на подземната инфраструктура (електрични и телекомуникациски водови). Во нивната објава се изнесува и забелешка дека на новото градилиште се работело и за време на државен празник.



