Галичник со нова иницијатива за заштита, обнова и одржлив развој
Под покровителство на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во Галичник беше претставена иницијативата на Месната заедница Галичник за зачувување, обновување и одржлив развој на едно од најпрепознатливите огништа на македонскиот културен идентитет и традиција.
Пред претставници на дипломатскиот кор, меѓународни организации и деловната заедница, а во присуство на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, претставниците на Месната заедница, предводени од претседателот Огнен Караѓозовски, ја образложија иницијативата за заштита, унапредување и ставање во функција на објекти со исклучително историско, културно и општествено значење за Галичник.
Планот опфаќа активности за заштита и ревитализација на вила „Доста“, Културниот дом, Административниот објект и Галичката фурна.
Учесниците на настанот, покрај објектите опфатени со иницијативата, посетија и повеќе знаменитости во Галичник: традиционалната куќа „Филиповска“, црквата „Св. Петар и Павле“ со осврт на Галичката свадба како една од највпечатливите културни манифестации, куќата на Ѓоргија Пулевски и црквата „Света Петка“.
Во своето обраќање, претседателката Силјановска-Давкова нагласи дека Галичник е многу повеќе од музеј под отворено небо: неговото наследство живее во камените куќи, црквите, песните, обичаите и сеќавањата на генерациите што постојано му се навраќаат. Секој вложен напор овде, рече таа, е инвестиција во заедничкото културно богатство и во иднината на државата.
Таа ја поздрави иницијативата и повика на пошироко партнерство меѓу државните институции, локалната самоуправа, бизнис-заедницата, иселеништвото и сите поддржувачи на културното наследство, со цел да се обезбедат долгорочна заштита и развој на Галичник.
Силјановска-Давкова подвлече дека зачувувањето на Галичник не е само грижа за минатото, туку и создавање инспиративна основа за иднината, докажувајќи дека традицијата и напредокот можат складно да чекорат заедно.
На настанот, Месната заедница Галичник ѝ врачи посебно признание на претседателката за покровителството, поддршката и личниот придонес во афирмацијата на Галичник и Галичката свадба, како и за поддршката на иницијативите насочени кон зачувување на културното наследство и развојот на оваа средина.




