Свечен завршеток во Рим во чест на светите Кирил и Методиј
Синоќа, во отмената атмосфера на „Хорти Салустијани“ во Рим, со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“ беше свечено заокружено годинашното одбележување на делото на сесловенските просветители, во рамки на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, како дел од државно-црковната делегација, истакна дека мисијата на светите браќа Кирил и Методиј претставува траен духовен и цивилизациски темел на словенската писменост, култура и идентитет.
Тој порача дека нашата земја со векови е духовен мост и светилник што го чува пламенот на словото, додавајќи дека македонското духовно и културно наследство продолжува да живее преку јазикот, уметноста и традицијата.
Во своето обраќање Љутков нагласи дека Рим — град на пресек на цивилизации и духовни традиции — е симболично место за оддавање почит на сесловенските просветители, чие дело и денес ги обединува народите преку вредностите на словото, верата и културата.
Осврнувајќи се на значењето на уметноста, министерот ја подвлече моќта на музиката како универзален јазик што ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку емоција и духовност. Според него, настапот на ансамблот „Консонанс“ испрати силна порака за културниот континуитет и богатството на македонската традиција.
Чествувањето во Рим државно-црковната делегација, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, го започна со аудиенција кај папата, како и со средба со кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол. Во рамките на програмата, во базиликата „Сан Клементе“ беше одржан молебен на гробот на Св. Кирил, а делегацијата ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде беше положен венец на спомен-плочата испишана на македонски јазик.




