Променливо време со сончеви периоди и локална нестабилност
Во среда низ Македонија ќе преовладува променлива облачност со повремени сончеви интервали. На повеќе места се очекува нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и можност за изолирано невреме со појава на град.
Ветерот ќе биде слаб до умерен, а долж Повардарието повремено ќе засилува од северен правец. Во западните делови ќе дува слаб до умерен, на моменти и засилен западен ветер.
Утринските температури ќе се движат од 13 до 21 степен, додека дневните максимални ќе достигнат меѓу 26 и 33 Целзиусови степени.
Во Скопје ќе има променливо облачно време со сончеви периоди. Во делови од котлината попладне се можни пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура се очекува да достигне околу 30 степени.
До петок, под влијание на серија влажни и нестабилни воздушни маси, времето ќе остане променливо и на места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално е можно краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град, а во петок се очекуваат пообилни врнежи. Со навлегување на постудна воздушна маса од север, температурите ќе забележат позначително опаѓање.




