Државата без дејствителна контрола во Македонски Телеком
Иако државата е акционер во Македонски Телеком, извори од претпријатието велат дека нема реален механизам за надзор врз работата на оваа високопрофитабилна компанија.
Државата поседува 34,81 отсто од акциите и е втор најголем сопственик, веднаш зад „Камени Мост Комуникации“ АД Скопје, која има 51 отсто.
Според истите извори, во јуни 2018 година, со одобрение на тогашната влада, бил изменет статутот на компанијата и со тоа бил укинат единствениот ефективен инструмент за државна контрола. Конкретно, била избришана функцијата оперативен директор — позиција што се пополнувала по предлог на Владата и имала врзан потпис со генералниот директор. До таа измена, ниту една поважна одлука не можела да се донесе без согласност на владиниот претставник; оттогаш, Владата не се консултира за ваквите прашања.
Извори дополнително тврдат дека поединци од тогашното политичко раководство наводно биле наградени за ваквиот чекор и дека нивното влијание врз менаџментот на компанијата и денес е значајно.




