Сончев и жежок почеток на неделата, промена од вторник попладне
Во понеделник низ земјава ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец.
Утринските температури ќе се движат меѓу 14 и 21 степени, а дневните максимални ќе достигнат од 31 до 39 целзиусови степени.
Во Скопје и околината ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а максималната температура ќе се искачи до околу 38 степени.
До вторник земјата ќе остане под влијание на топла воздушна маса од југ, па насекаде ќе биде над 30 степени, а на повеќе места и до околу 39 степени. И ноќите ќе бидат релативно топли.
Промена на времето се очекува од вторник попладне: со јакнење на циклонска активност ќе има зголемена облачност и повремени врнежи од дожд.
Од среда се предвидува пад на дневните температури и локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Понекаде се можни и поинтензивни непогоди проследени со обилен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град.
Од четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено во Повардарието, каде што на моменти брзината може да надмине 50 километри на час.
Очекувани максимални температури: во вторник до околу 39 степени, во среда околу 38, а во четврток до 37 степени.




