Граничната полиција се зајакнува со нови детектори, камери и теренски возила

Нова опрема за полицијата во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска говореше на свеченоста по повод примопредавањето на возила и специјализирана опрема за Министерството за внатрешни работи. Опремата е обезбедена во рамките на регионалниот ИПА-проект „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан (EU4FAST)“.

Како дел од донацијата се предадени 30 уреди за проверка на патни и лични документи, два детектори за срцебиење за откривање лица во скриени простори, седум возила (четири теренци и три комбиња), како и пет видео-камери. Опремата е наменета за Граничната полиција и за Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Во своето излагање, Тошковски нагласи дека поддршката од Европската унија е конкретен придонес за јакнење на капацитетите на македонската полиција и за унапредување на нејзината оперативна ефикасност. Според него, сложените геополитички околности бараат постојана будност и силна меѓусебна координација на безбедносните структури. Нашите граници, како што рече, се составен дел од безбедносната архитектура на Европа, а институциите се на првата линија на заштита на заедничките вредности; затоа, секоја инвестиција во модернизацијата на службите е инвестиција во мирот и стабилноста на целиот континент.

Министерот посочи и дека криминалните мрежи се приспособуваат и дејствуваат преку национални граници, што наметнува навремен и координиран одговор заснован на силна меѓународна соработка. Проектот EU4FAST, како што истакна, е добар пример за заедничко делување меѓу институциите од регионот и европските партнери преку обуки, размена на информации и координирани активности на терен.

Донираните возила и специјализираната опрема веднаш ќе бидат ставени во употреба, со што ќе се зголемат мобилноста, ефикасноста и оперативните капацитети на полициските единици при спречување криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Овие облици на организиран криминал имаат директни последици врз човечки животи, па затоа МВР продолжува со мултидисциплинарен пристап и силен хуман фокус во секоја операција.

EU4FAST ги поддржува институциите во регионот во превенцијата, истрагата, гонењето на сторителите и заштитата на жртвите преку комбиниран пристап: обуки, техничка помош, набавка на опрема и унапредување на меѓуинституционалната соработка.

Проектот е кофинансиран од Европската унија, Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), Министерството за внатрешни работи на Италија и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Имплементацијата ја спроведува конзорциум предводен од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), во партнерство со европски институции од областа на внатрешни работи и правда.