ЕУ сака да помогне во евроинтеграцијата на С. Македонија

ЕУ сака да помогне во евроинтеграцијата на С. Македонија

Постојаната и недвосмислена поддршка на Европската Унија за евроинтегративниот процес на Северна Македонија останува непоколеблива. Денеска во Скопје, амбасадорот на ЕУ во земјата, Михалис Рокас, порача дека целта е да се помогне во што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, за граѓаните да ги почувствуваат придобивките од нив во реално време.Ова беше истакнато на промоцијата на Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија, организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“.

Според резултатите од анализата, поддршката на граѓаните за влез во ЕУ останува на високо ниво, односно 62 проценти. Меѓутоа, највоздржани во своите ставови се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е забележана поголема неопределеност. Интересен податок од истражувањето е значителниот пад од 20 проценти во перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави во земјата во споредба со минатата година.

Рокас истакна дека овие наоди треба внимателно да се разгледаат со цел да се идентификуваат потенцијалните области за подобрување. Неговата порака до граѓаните беше дека проширувањето на Европската Унија ќе се случи и дека тоа ќе носи конкретни придобивки. Тој нагласи дека фокусот мора да биде ставен на забрзување на реформите, но и на справување со пошироките европски предизвици.

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, во своето обраќање нагласи дека земјите членки на ЕУ остануваат посветени партнери во процесот на пристапување на Северна Македонија. Таа посочи дека самата суштина на Европската Унија е гарантирање на мир, слобода, стабилност и просперитет за нивните граѓани и за соседните држави. Според Дрекслер, анкетата покажува дека македонските граѓани јасно изразуваат каде припаѓаат – во Европа.

„Бев позитивно изненадена од резултатите од анкетата. Дури и со трендот на намалување на довербата во последните години, кој сега е запрен, сепак поддршката за членство во ЕУ е на ниво од 60 проценти. Тоа е многу силна поддршка“, изјави таа.

Амбасадорката подвлече дека Европската Унија останува сигурен и долгорочен партнер на Северна Македонија,а процесот на пристапување ќе продолжи со заеднички заложби. Позитивниот став на граѓаните, и покрај различните предизвици, значи дека постои реална перспектива за унапредување на реформите и евроинтеграцискиот пат на земјата.

Во меѓувреме, во рамки на пошироките геополитички случувања, европските лидери ја повторија својата поддршка за проширувањето на Унијата, нагласувајќи дека земјите од Западен Балкан имаат јасна перспектива за членство. Ова беше потенцирано на последните меѓународни форуми, каде што се дискутираше неопходноста од регионална стабилност и забрзан реформски процес.