ЕУ разгледува воена и финансиска поддршка за Украина

САД испратиле шест прашања до ЕУ во врска со Украина: Дали сте подготвени и што ќе дадете за одбраната на Киев?

Соединетите Американски Држави испратиле прашалник со шест прашања до европските сојузници, барајќи информации за тоа што очекуваат од Вашингтон за да можат да учествуваат како безбедносни гаранти во потенцијален мировен договор за Украина. Овој документ бил добиен од Ројтерс.

Дипломатското барање, испратено минатата недела, содржи прашања за тоа кои земји би можеле да придонесат кон безбедносните гаранции, кои би биле подготвени да испратат војници во Украина како дел од мировниот договор, и кои воени капацитети би можеле да бидат распоредени под раководство на Европската Унија.

Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика големи реакции кај европските сојузници неделава, кога без претходни консултации со нив и со Киев, го покани рускиот претседател Владимир Путин и прогласи итен почеток на мировни преговори.

Целосниот текст што го видел Ројтерс покажува дека САД, исто така, ги прашуваат европските земји што очекуваат да добијат за возврат од Вашингтон.

„Овој пристап е поддржан од неколку европски влади, кои јасно ставија до знаење дека можат да обезбедат безбедносни гаранции само со американска поддршка“, се наведува во документот.

Двајца европски дипломати изјавиле дека сè уште постои дебата за тоа како Европа ќе одговори, но некои лидери велат дека е потребен колективен став.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на состанок на европските лидери во понеделник во Париз, каде ќе разговараат за стратегиите поврзани со војната во Украина.

Во прашалникот се бараат информации за тоа како би изгледала евентуална мировна мисија.

„Ако војници од земји надвор од конфликтот треба да бидат распоредени во Украина како дел од договорот, колку војници се потребни под европско водство? Каде и како би биле распоредени, и за колкав временски период?“, стои во текстот.

Дополнително, се бара одговор на прашањето какви акции САД, сојузниците и партнерите треба да преземат ако Русија нападне такви сили.

„Кои дополнителни капацитети и опрема е подготвена да ѝ ги даде вашата влада на Украина за да го подобри својот преговарачки капацитет и да зголеми притисокот врз Русија?“, стои во прашалникот.

Финскиот претседател Александар Стуб потврди дека документот бил доставен од САД.

„Американците им дадоа на Европејците прашалник за тоа што можат да направат. Ова ќе ги натера да одлучат дали да одговорат заеднички или секоја земја поединечно“, изјави Стуб на безбедносната конференција во Минхен, пренесува Euronews.

Тој додаде дека прашалникот треба да се гледа како „позитивен сигнал“, бидејќи тоа значи дека сојузниците имаат време да се подготват. Нагласи дека Европската Унија не треба да се фокусира на тоа кој ќе преговара, туку на обезбедување на „одржливи безбедносни аранжмани“ за Украина.

„Ако има преговарачка маса, таму ќе бидат Украина, Русија, САД и Европа во една или друга форма“, заклучи тој.