Елена Мицковска нова членка на Извршниот одбор на Светската федерација за училишен спорт

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, направи важен чекор за афирмација на нашата земја на глобалната спортска сцена.

С гордост ве информираме дека Македонија по првпат доби свој представник во Извршниот одбор на Светската федерација на училишен спорт (ISF). Овој настан е значајно признание за досегашните усилија, како и индикатор за напредокот и развојот на училишниот спорт во нашата држава.

На Генералното изборно собрание што се одржува во Белград, каде присуствуваат претставници од различни земји, Елена Мицковска ја презентираше својата програма, визија и цели за иднината на училишниот спорт.

Нејзината посветеност и визија беа забележани од земјите членки, како и од актуелниот претседател на ISF, Жељко Танасковиќ. Во наредните четири години, Мицковска ќе биде дел од највисокото управно тело во Светската федерација на училишен спорт.

Од почетокот на своето назначување, таа се ангажира на унапредување на спортот за млади, преку зголемено учество на меѓународни натпревари, развој на нови проекти и воведување светски стандарди во училишниот спорт.

Македонија веќе се утврдала како сериозен партнер на Светската федерација на училишен спорт. Ова се потврдува со успешната организација на Светското училишно првенство во ракомет, кое беше одржано во нашата земја и доби високи оценки од учесниците.

Во своето обраќање пред земјите членки, Мицковска нагласи дека Македонија верува во силата на спортот, особено во контекст на развојот и иднината на младите генерации.

Како доказ за таа посветеност, ги спомена поддршките за значајните спортски проекти, како што се Светското училишно првенство во ракомет и Плазма Спортските игри за млади, кои добија поддршка од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министрот за спорт, Борко Ристовски.

Новата улога на Елена Мицковска во Светската федерација на училишен спорт е уште едно значајно признание за македонскиот спорт и можност за погласно ехо на Македонија на меѓународната сцена.

Генералното Собрание при ISF продолжува со работа и утре, кога ќе бидат донесени нови одлуки.