Европската комисија не се изјаснува за најавите од Вашингтон во однос на одложувањето на примената на одлуката за воведување царини од 50% за увоз во САД до 1 август, како и за испраќањето на писма со детали за новите царински стапки и трговски договори до американските партнери. Оваго денеска го изјави портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија и царини, Олоф Гил.
– Морам да нагласам дека овие прашања треба да бидат упатени на другата страна на Атлантикот, а не тука. Ние нема да коментираме писма кои не сме ги примиле, ниту изјави од Американската администрација, додаде Гил, реагирајќи на прашањето за најавите од Вашингтон.
Тој истакна дека ЕУ продолжува да соработува со САД за постигнување трговски договор и во таа насока се одржуваат меѓусебни контакти на политичко и техничко ниво.
– Потребна ни е целосна посветеност за да постигнеме договор кој ќе биде од полза за бизнисите и потрошувачите во ЕУ, како и за глобалната економија. Тоа беше нашата цел од самиот почеток, додаде Гил.
Гил соопшти дека ставот на ЕУ кон царините е непроменет и дека таа и натаму смета дека воведувањето на царини е штетно и сака да го избегне.
– Наша цел е да постигнеме договор до 9 јули, напомена Гил.
Во последниот период, според Гил, е постигнат значителен напредок во преговорите меѓу ЕУ и САД, особено при минатонеделната посета на еврокомесарот за трговија и економска безбедност, Марош Шефчович, на Вашингтон, а контактите продолжуваат.
Во тој контекст, заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер, потврди дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера имала телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, во кој е реализирана „добра размена на мислења“.
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, исто така најави дека стапувањето во сила на одлуката за воведување општа царинска стапка до 50% за увозот на стоки и услуги во САД е одложено до 1 август. Оваа одлука беше донесена во април, но примената беше прелиминарно одложена за 9 јули, за потоа повторно да следи одложување на важноста на мерките.
Трамп, всушност, најави дека Вашингтон ќе започне со испраќање официјални писма до своите трговски партнери со детали за новите царини и трговски договори.
– Писмата за договорите или царините ќе бидат испратени до различни земји низ светот од понеделник напладне (18:00 по Гринич), објави Трамп на платформата Трут Соушл.




