„Егосурфер“ – книжевна фантастика инспирирана од филмови и серии; Промоција на збирка раскази на Александар Русјаков – Вечер 1963. Ревизија: „Егосурфер“ – книжевна фантастика инспирирана од филмови и серии; Промоција на збирка раскази на Александар Русјаков – Вечер 1963.

Во моето творештво често се навраќам на жанровите научна фантастика, киберпанк и магичен реализам. За мене, највозбудливо е спојувањето на реалноста со документираноста, преточувајќи ги тие елементи преку фантастиката. Ова го изјави авторот Александар Русјаков на промоцијата на неговата нова збирка раскази „Егосурфер“. Посочи дека некои од расказите имаат потенцијал за успешна екранизација во форма на филм, серија или видеоигра. Всушност, еден од расказите веќе е адаптиран, а тоа е „Крвта и душата“, покрај краткиот филм режиран од Игор Алексов.

„Научната фантастика не е само за предвидување иднина, туку и за предупредување“, рече Русјаков, со цитат од Реј Бредбери, завршувајќи ја промоцијата на новата книга во преполната книжарница „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Промоторка на книгата беше уредничката Бисера Бендевска, која подвлече дека збирката речиси со совршенство ги комбинира жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк. „Иако ова не е првото искуство на Русјаков во овие литературни води, во својата втора збирка раскази, ‘Егосурфер’, тој го прави тоа на многу појасен и смислен начин. Оваа книга е значи очигледно жанровска, во која авторот вешто ја обработува својата поезија низ нивите на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, оставајќи простор за својата препознатлива лиричност и сатиричност.”

На прашањето зошто да се пишува научна фантастика во време кога живееме во неа, Русјаков одговори:
– Научната фантастика никогаш нема да исчезне, затоа што нејзините автори се неверојатно креативни, а нивните визии за иднината можат да ја поттикнат нашата сегашност (која сè повеќе наликува на научна фантастика). За мене, нема ништо поинтересно од спојувањето на реалниот живот и документираноста и раскажувањето на тие приказни преку фантастиката.

Русјаков истакна дека не го загрижуваат појавите на новите технологии и стравовите дека вештачката интелигенција би можела да ги замени писателите.
– Технологијата е само алатка. Може да се користи за добро, но и за зло. Зависи од одлуките на оние кои ја користат. Не се плашам од напредокот на новите технологии. Дури и ако се развиваат, верувам дека литературата никогаш нема да исчезне. Дури и во општество во кое литературното творештво е забрането, писателите имаат бескрајно либерална фантазија, која не може да ја замени ниту една технологија. Убеден сум дека технологијата не може да го следи креативниот ум на писателот – сè зависи од изборите на човекот. Кога ќе чуете дека вештачката интелигенција може да нè уништи, тоа не е ништо друго туку обвинување на човечките слабости и погрешни одлуки. Не сум особено вешт во новите технологии, но ниту ги мразам, ниту сум воодушевен од нив.

На прашањето од публиката за значењето на насловот на збирката, Русјаков одговори:
– Егосурфер е занимање. Знам, звучи необично. Но, во светот на фантастиката, особено во киберпанкот, ништо не е чудно. Во истоимениот расказ, егосурферот е воедно обичен и необичен лик. Немаше конкретна инспирација за оваа збирка. Од мала возраст, фантастиката ми беше драга. Растев со Жил Верн и никогаш не престанав да читам научна фантастика, киберпанк и хорор. Автори како Реј Бредбери, Урсула ле Гвин, Френк Херберт, Џин Волф и многу други оставија длабок впечаток на мене. Расказите во ‘Егосурфер’ не се создадени одеднаш – работев на нив во текот на последните дваесет години и сега им дојде времето за објавување.

Прочитајте и:  Најинтересните 64 факти од Светското првенство во 2026 година

Кога беше запрашан колку ликовите во „Егосурфер“ се жртви на светот во кој живеат, а колку на своите избори, Русјаков рече:
– Светот сега е духовна дистопија. Поединците станаа жртви на илузии за удобност, консумеризам и опседнатост со технологијата. Живееме во време кога дури и теории на заговор, кои не плашеа, сега стануваат документарни факти. Фантастиката е тука за да игра со тие документи. Фактите кои ги сметаме за нереални, следниот ден може да станат реалност – подготвени да не изненадат.

Инспирацијата за „Егосурфер“ доаѓа и од филмовите и сериите со слична тематика.
– Тарантино вели дека од одлична литература често се раѓаат лоши филмови, а од слаба литература, филмски ремек-дела. Но, фантастиката умеа да игра поинаку. „2001: Одисеја во вселената“ на Кјубрик беше објавена пред романот на Артур Кларк и, според мене, филмот е подобар. Слично, „Сталкер“ е создаден на основа на „Пикник крај патот“ на Стругацките, а и „Соларис“ од Лем доби филмска адаптација. Наслови како „Блејд Ранер“ и „Дина“ во режија на Денис Вилнев покажуваат дека книжевната фантастика нашла совршена основа во филмската нарација. Русјаков истакнува дека расказите од „Егосурфер“ имаат потенцијал за адаптација во форма на филм, серија или видеоигра. Еден од нив, како што споменавме, веќе е реализиран – режисерот Игор Алексов го сними краткиот филм „Сонот за крвта и душата“.

„Егосурфер“ излегува од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Александар Русјаков (род. 1977, Велес) е дипломиран на ФДУ во Скопје, насока за филмска и ТВ-режија. Автор е на бројни филмски и телевизиски сценарија, кратки документарни филмови и драмски текстови, како и на поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирките песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, автологијата „Нема стих, нема мир“, расказите „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, „Курвински хроники“, „Албино трип“ и „Хотел меѓу две војни“, кој доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2021 година и „Рациново признание“ за 2022 година.