Една милијарда фунти во игра – Астон Мартин нуди договор за Ферстапен

Една милијарда фунти во игра – Астон Мартин нуди договор за Ферстапен

Макс Ферстапен би можел да стане дел од тимот на Астон Мартин, а вредноста на потенцијалниот договор би можела да достигне и една милијарда фунти.

Според информациите што ги објави британскиот „Дејли Мејл“, Астон Мартин моментално води преговори со потенцијални спонзори за да го обезбеди финансискиот пакет што би го овозможил овој рекорден трансфер.

Нивната стратегија е да ги убедат инвеститорите да вложат во актуелниот шампион Макс Ферстапен и неговото доаѓање во тимот. Доколку договорот се реализира, тоа би станал најголемиот финансиски договор во историјата на Формула 1.

Се очекува договорот да трае најмалку пет сезони, при што Холанѓанецот би заработувал околу 200 милиони фунти годишно.

Иако Астон Мартин моментално не се бори за титулата,постојат две значајни причини што би можеле да го привлечат Ферстапен – ангажманот на легендарниот дизајнер Адријан Њуи и партнерството со Хонда. Њуи, кој се смета за еден од најдобрите инженери во историјата на Формула 1, веќе стана дел од Астон Мартин, а од 2026 година, со воведувањето на новите технички регулативи, тимот ќе добие и официјална соработка со јапонскиот производител на мотори Хонда.

Дополнително,во најновите информации од Ф1 светот,се шпекулира дека Мерцедес исто така би можел да се вклучи во трката за потписот на Верстапен,а дури и самиот Ред Бул прави напори да го задржи својот ас со подобрени услови во договорот. Сезоната 2024 сè уште не го дала својот конечен збор, но јасно е дека трансфер-пазарот во Формула 1 е побурен од кога било.