Главниот град на Финска, Хелсинки, стана извонреден пример за европски велеград, каде што во изминатата година не е регистрирана ниту една жртва во сообраќајни несреќи, јавува германскиот портал „Тагешау“.
Според податоците на локалната полиција, од јули 2024 година, не е забележан ниту еден смртен случај на улиците. Градските власти го објаснуваат oвој успех со воведување драстични ограничувања на брзината и подобра безбедност за пешаците.
Во текот на изминатата година, Хелсинки бележи 277 сообраќајни инциденти со повредени лица, што е значително намалување во споредба со околу 1.000 несреќи и просечно 30 смртни случаи во 1980-тите години. Со 690.000 жители, оваа бројка претставува голем напредок.
Ограничувањето на брзината во Хелсинки е сведено на 30 километри на час на повеќе од половина од градските улици, особено во близина на училишта и градинки. Пред петдесет години, овој лимит изнесуваше 50 км/ч.
Безбедноста е подобрена и со построгите контроли на брзината, како и со подобрено следење на сообраќајот, соопштува финската телевизија Иле.
Градот активно работи на едукацијата на децата за правилно однесување во сообраќајот, со цел да се заштитат пешаците, велосипедистите и особено децата. За постигнување на овие цели, зголемен е и бројот на пешачките премини и безбедните патеки за велосипедисти.
Подобрувањето и проширувањето на јавниот превоз исто така придонесува за намалување на сообраќајните несреќи, бидејќи сè помалку граѓани во Хелсинки се одлучуваат за користење на автомобили.




