Најмалку едно лице е загинато, а најмалку 14 се повредени во нападот со беспилотни летала на руски сили на украинскиот град Одеса, сместен на Црното Море. При нападот, значително се оштетени високи згради и железничка инфраструктура, соопштуваат локалните власти.
Одеса кој е најголемото црноморско пристаниште во Украина, преставува важен центар за увоз и извоз, а од почетокот на војната е под постојан напад со ракети и дронови од страна на Русија.
Регионалниот гувернер на Одеса, Олег Кипер, денеска изјави на платформата Телеграм дека, и покрај активните напори на силите за воздушна одбрана, цивилната инфраструктура продолжува да страда, вклучувајќи станбени згради, универзитети, гасоводи и приватни возила. Тој сподели фотографии од запалени куќи и уништени повеќекатници.
Локалните служби за итни случаи известија за најмалку 10 напади со дронови врз станбени објекти, што предизвикало големи пожари.
Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија испратила 86 дронови врз Украина во текот на ноќта. Според воените извори, единиците за воздушна одбрана успеале да соборат 34 дронови, додека 36 од дроновите или биле изгубени или не носеле експлозивни глави.
Сепак, војската констатираше дека дроновите погодиле осум населени места.
Државната железничка компанија „Укрзализниција“ информира дека железничката станица во Одеса била оштетена во нападот, при што се повредени електричните жици и пругите.
Во текот на ноќта, руски дронови го нападнаа и Харков, во североисточна Украина, предизвикувајќи оштетувања на неколку приватни и повеќекатни домувања, потврдија локалните власти.




