Двајца загинати, десет повредени во руски напади во Запорожје

Две лица загинаа, а десет, вклучувајќи четири деца, беа повредени во руски напади во Запорожје, југоисточната област на Украина. Ова го соопшти началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров.

Тој објави на Телеграм дека во изминатите 24 часа се извршени 567 напади во 16 населени места во Запорожје. Според него, во административниот центар на регионот, градот Запорожје, рано утрово биле оштетени девет згради.

Русија досега не се огласила во врска со оваа ситуација.

Запорожје е во центарот на конфликтот од самиот почеток на војната во Украина, која почна со целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.

Двете страни во конфликтот тврдат дека не ги таргетираат цивилите, но илјадници невини лица, главно Украинци, загинаа од почетокот на конфликтот.

Прочитајте и:  Николоски: Автопатот Охрид–Кичево влезе во завршна фаза

Утрово, украинските воздухопловни сили обелоденија дека собориле 36 од 45 дронови испратени од Русија.