Минималната плата се очекува да биде зголемена во март 2026 година, со прогнозирано покачување од 1.500 до 2.000 денари, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во интервју за ТВ Шења. Тој нагласи дека оваа одлука нема да се донесува под влијание на политички или јавен притисок, туку врз основа на утврдената законска методологија.
Дурмиши истакна дека законот точно го дефинира моделот за пресметка на минималната плата, кој се базира на два основни параметри – просечната плата и трошоците за живот. „По усогласувањето на законските параметри во март, граѓаните ќе добијат повисока минимална плата. Формулата и методологијата за пресметка го усогласуваат Економскиот и социјален совет, синдикатите, работодавачите и Владата“, изјави министерот.
Тој додаде дека пресметката се извршува така што половина од износот произлегува од просечната нето-плата од претходната година, а останатите 50% од индексот на трошоците за живот. „Имајќи ги предвид податоците за претходните 11 месеци, очекуваме зголемување од околу 1.500 до 2.000 денари, во зависност од финалните бројки“, нагласи Дурмиши.
Министерот подвлече дека Владата континуирано се стреми кон подобрување на животниот стандард, а редовното усогласување на минималната плата останува еден од основните механизми за поддршка на граѓаните.




