Артан Груби стана симбол на падот на ДУИ, а неговите потези и одлуки се сметаат за клучна причина за политичката криза што ја тресе партијата. Вилата во Драч е само еден од скандалите што дополнително ја разнишаа довербата во раководството на ДУИ. Во обид да го спаси авторитетот, Али Ахмети најавува внатрепартиски ветинг и ребрендирање, но прашањето е дали тоа ќе биде доволно за партијата да си го врати угледот.
Политичкиот пад поради Груби
ДУИ,која некогаш беше најмоќната албанска партија во Македонија,сега се обидува да го промени својот имиџ. Политичкиот аналитичар Агим Јонуз смета дека Артан Груби направил огромна штета на партијата, но укажува дека проблемот е подлабок.
“ДУИ се обидува со нови стратегии, но ова е петти пат како се обидуваат да се ребрендираат. Претрпеа голема штета поради Груби, но не може еден човек да биде виновен за сè,” вели Јонуз.
Дали ветингот ќе биде вистинска реформа?
Откако премина во опозиција, ДУИ најави внатрешен ветинг – процес на прочистување на партиските редови. Меѓутоа, постои сомнеж во вистинските намери и ефектот од оваа мерка.Јонуз предупредува дека доколку нема вистински последици, ветингот ќе остане само политички маркетинг.
“Ако ветингот е само декларативен,без реални последици,тогаш станува само фарса. Внатрешните процеси без конкретни законски мерки немаат никакво правно дејство,” додава Јонуз.
Дефанзива наместо офанзива
ДУИ, позната по својот долгогодишен политички активизам и влијание, сега е во целосна дефанзива. Наместо најавуваните протести и поголеми политички чекори, партијата се фокусира на панел-дискусии, прес-конференции и видео-обраќања.
Од закани за улични немири и дестабилизација, преку обраќања за состојбите во регионот, до обвинувања за дискриминација на Албанците – ДУИ се обидува да остане релевантна на политичката сцена. Меѓутоа,останува отворено прашањето дали овие чекори ќе бидат доволни за враќање на довербата на гласачите.