ДУИ: СДСМ не се однесува како опозициска партија

Според ДУИ, СДСМ е тивок гарант на проект што им служи само на ВМРО-ДПМНЕ и на оние што сакаат да го вратат назад процесот на политичка и економска еднаквост на Албанците

СДСМ се однесува како „заробена“ партија наместо да се бори против актуелната власт. Со своето молчење само ја легитимира власта и не се осмелува вистински да ја предизвика, реагира ДУИ.

„Оваа трансформација не е случајна. Необјавениот договор меѓу Мицкоски и Заев, со посредство на олигархот Ангушев, има јасна цел: да обезбеди имунитет, во замена за власт што ќе го елиминира политичкото влијание на Албанците. Зарем не е токму ова причината зошто СДСМ не се спротивставува на засилувањето на елементите на „српскиот свет“ во Македонија? Зошто не реагира на политиките што имаат за цел да ја намалат политичката и економската улога на Албанците? Зошто нема никаква критика за прекршувањето на етничкиот баланс, исклучувањето на Албанците од институциите и уривањето на механизмите на претставување?“,

се вели во реакцијата на ДУИ.

Оттаму тврдат дека СДСМ не е опозиција, туку тивок гарант на проект што им служи само на ВМРО-ДПМНЕ и на оние што сакаат да го вратат назад процесот на политичка и економска еднаквост на Албанците.

Партијата со која раководи Али Ахмети потенцира дека СДСМ мора да се врати на својот идеолошки идентитет и да ги брани принципите врз кои е изградена: граѓанска еднаквост, правична застапеност, еднакви можности и општествен напредок.

„Молкот и покорноста пред националистичките агенди не е патот на СДСМ – тоа е патот кон нејзината конечна пропаст. Албанците нема да дозволат да бидат жртвувани во тајните политички зделки. А ниту македонските граѓани што веруваат во еднаквост и правда не треба да го дозволат тоа“,

стои во реакцијата на ДУИ.

Оваа политичка реакција, меѓу другото, доаѓа во период кога неодамна лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја дистанцираше неговата партија од Ахмети, со изјава дека во ДУИ има високо ниво на корупција.

- Реклама -