ДУИ го промовираше својот прв „зелен“ видео спот и проект, Заев задоволен што фокусот од етнички поминува на граѓански теми

Ден откако Демократската унија за интеграција наполни 19 години и се премачка во зелено, денеска партијата го промовираше, како што велат, „својот прв проект“ од зелената агенда која лидерот Али Ахмети вчера помпезно ја соопшти како нова етапа во постоењето на ДУИ. Се работи за кратко видео од 20 секунди, кое покажува како се рушат фабрики, оџаци и нафтени платформи, а на нивно место потоа летаат пеперутки и никнуваат соларни панели, ветерници и зеленило.

„Сонцето е благослов, да го користиме како извор на енергија“, порачаа од ДУИ покрај видеото, откако вчера по повод Меѓународниот ден на животната средина оценија дека сега е совршеното време за „Обнова на екосистемите“.

Како што велат од ДУИ во соопштението до медиумите, спотот се однесува на обновливата енергија и искористувањето на сончевата енергија, проект кој што веќе е во имплементација во ТЕЦ Осломеј. Од ДУИ додаваат дека и РЕК Битола е во процес на трансформација и дел од зелената агенда, како и други локации во нашата држава.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

И додека за дел од експертите и јавноста ДУИ во улога на зелена партија е најголемата иронија, а во пракса само предизборен потег, за премиерот Зоран Заев добро е што ДУИ фокусот го префрла од етничката кон граѓанската агенда. Редно е, истакна премиерот, да се стави крај на поделбите по етничка основа и да се работи заеднички на полиња (како зелената агенда) од кои корист ќе имаат сите граѓани независно од етничката припадност.

Прашан да ја оцени досегашната работа на градоначалниците на ДУИ во поглед на еколошките теми, Заев нема коментар, но се надева, како што истакна, дека отсега натаму, па дури и за неколку месеци од сега, да бидат видливи и активностите на ова поле.

- Реклама -