ДСЗИ не утврди пропусти во лекувањето на деветгодишното дете кое почина во Детската клиника

Во соопштението испратено од страна на Државниот санитарен и здравствени инспекторат се вели дека од извршените вонредни инспекции во здравствените установи каде детето било третирано, а подоцна и починало, не биле констатирани никакви недостатоци во начинот на третман

Државниот санитарен и здравствен инспекторат не пронајде недостатоци во начинот на третирање на здравствената состојба на деветгодишното дете од селото Пеширово, Општина Свети Николе кое во вторникот почина на Клиниката за детски болести во Скопје. Од ДСЗИ информираат дека извршиле вонредни инспекциски надзори кај сите здравствени установи во кои се лечело детето и велат дека во трите институции нема констатирано недостатоци.

Инспекторите утврдиле дека детето најпрвин било однесено кај матичниот лекар во Свети Николе на 14 јануари заради болка во стомакот и повраќање, кашлање, висока фебрилност и поради несоница.

„-При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип“,

се вели во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Во болницата во Штип, детето било донесено со такси возило, а од страна на дежурниот доктор била поставена дијагноза – сомноленција. Заради лошата општа здравствена состојба и наодите од лабораториските испитувања, детето со возило на итната помош, истиот ден е транспортирано во Скопје.

„На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часот има дополнително влошување со респираторен и кардиак арест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус“,

велат од ДСЗИ.

Инаку, претходно, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, во изјава за „360 степени“ изјави дека детето било донесено во нивната установа во тешка здравствена состојба со срцев застој и лоши витални параметри.

По последниот случај со починатото деветгодишно дете на Детската клиника, но и смртта на близначињата новородечиња од Прилепско, опозицискиот СДСМ вчера побара одговорност и оставки од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди.

- Реклама -