НУ Драмски театар Скопје објави дека на нивната официјална веб-страница е достапен годишниот конкурс за наградата „Горан Стефановски“, наменета за најуспешен драмски текст од млади македонски автори до 30 години. Конкурсот ќе трае до 28 февруари.
Во духот на континуираната поддршка на младите драмски таленти и охрабрувањето на создавањето нови драмски текстови, Драмски театар ја доделува наградата во чест на познатиот драматург Горан Стефановски. Со овој конкурс, театарот сака да помогне во развојот на драмското творештво на младите автори и да ја промовира современата македонска драма. Право на учество имаат автори од Македонија, кои до крајниот рок за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинален, неизведен, а не адаптација или драматизација на веќе познати литературни или драмски дела, информираат од театарот.
Пријавата треба да биде подготвена согласно упатствата што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје. Текстовите ќе бидат разгледувани од професионална комисија составена од пет членови, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција, организирана во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата изнесува 60.000 денари (еднократно), а по добивањето на наградата, авторот ќе потпише договор со НУ Драмски театар Скопје, во рамките на кој ќе се реализира продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години по завршувањето на конкурсот. Авторот ќе биде обврзан текстот да не биде предаден на други лица или институции до премиерата во Драмски театар Скопје.
Од Драмски театар истакнуваат дека со оваа награда продолжуваат да се посветуваат на развојот на македонското драмско творештво, продолжувајќи го наследството на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски беа поставени 15 негови претстави, од кои осум беа премиерни.




