Драмски театар со „Плејбоите“ и „Кармен“ гостува на фестивалот РУТА во Љубљана – Вечер… 1963

Драмскиот театар од Скопје утре ќе настапи со две претстави во Местно гледалиште љубљанско (МГЛ) во рамките на регионалниот театарски фестивал РУТА, кој трае од 29 јануари до 4 февруари во Љубљана. На распоредот се претставите „Кармен“ и „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“.

Овој фестивал, кој започна во 2019 година, двапати годишно обединува шест театарски трупи од регионот.

Покрај Драмскиот театар од Скопје, учество во фестивалот земаат и сараевскиот Камерни театар 55, Београдското драмско позориште, Казалиштето „Улисис“ од Загреб, Центарот за култура од Тиват (Црна Гора), како и домаќинот Местно гледалиште љубљанско. Овие трупи, покрај копродукцијата „Животот на провинциските плејбои…“, ќе се претстават со свои одбрани драмски проекти, во кои учествуваат познати актерски имиња од регионалната сцена.

Во копродукцијата „Плејбои…“, инспирирана од текстот на Душан Јовановиќ и во режија на Иван Пеновиќ, учествуваат актери од четири уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. По премиерата во август минатата година во Будва, претставата имала изведби на летните сцени на Охридско лето и Бриони, а потоа учествувала на фестивалите РУТА во Скопје и Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде дванаесетта изведба на оваа претстава.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, исто така, ќе настапи на фестивалот РУТА со монодрамата „Кармен“, инспирирана од романот „Пет часа со Марио“ на шпанскиот автор Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се дело на Дејан Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, сценските движења ги осмислува Олга Панго, а костимографијата е работа на Раде Василев, со музика од Горан Трајковски. Монодрамата има 47 изведби и учество во неколку меѓународни театарски фестивали по својата премиера во 2021 година.

По изведбата на претставите на фестивалот РУТА, организираните разговори со уметниците претставуваат дополнителна активност. Оваа година, тркалезните маси ќе ги водат драматурзите Петра Погоревц и Нина Куцлар-Стиковиќ.

Основната цел на фестивалот РУТА, како што беше истакнато од самиот почеток, е да се создадат нови уметнички соработки, зајакнувајќи ги културните врски и надминувајќи ги националните граници. Во текот на годините, фестивалот стана важен настан, не само за прослава на театарското уметничко творештво, туку и како можност за размена на искуства меѓу уметниците, техничките тимови и театарската публика.