Според вообичаената постапка, пилето ќе го посолите, ќе го полиете со малку масло и ќе го ставите во рерна за да се печи. Но дали знаете дека само еден мал чекор ве дели од совршено печено пиле?
Крцкаво од надвор, а меко и сочно месо со совршен спој на вкусови во внатрешноста. Печеното пиле од рерна заслужува малку повеќе внимание и малку повеќе зачини освен обична сол.
Првите чекори за правилна подготовка на совршено печено пиле се:
Најпрво, се разбира дека потребно е здраво, пресно, а по можност и домашно одгледано пиле.
Добро исчистено се мие под млаз вода, а потоа се бриши со сува крпа или кујнска хартија, и од внатрешната и од надворешната страна.
Потоа се премачкува со маслиново масло или путер.
По можност, добро би било да стои на собна температура околу 30 минути пред печење.
Додатоци и зачини кои е добро да ги употребите се:
За вкусно печено пиле, освен солта и црниот пипер, доста значајни се и лукот, кромидот, мајчината душица и пилешка коцка за супа. Подготвеното и намрсено пиле, посипете го со сол и црн пипер и премачкајте го од внатрешната страна.
Познатиот готвач Џејми Оливер советува дека во тавата во која што ќе се печи пилето, добро би било да биде збогатена со морков, целер, лук, кромид и еден лимон. За да постигнете совршенство од вкусови употребете: две кромидчиња со средна големина, два моркови, две целер стапчиња, една главица лук, еден лимон, морска сол, маслиново масло, црн пипер и по малку мајчина душица, рузмарин, ловоров лист или жалфија. Лукот поделете го на чешниња, но оставете ги нелупени. Зеленчукот исечкајте го на крупни парчиња и заедно ставете ги во огноотпорен сад во кој ќе додадете малку маслиново масло, а во него потоа да се печи подготвеното пиле.
Внатрешноста на пилето исто така зачинете ја со горенаведените состојки, а потоа додадете цел лимон. Печете на температура од околу 200 степени, околу 1 час и 20 минути. Доколку сакате како прилог да додадете компири, тоа направете го 45 минути пред крајот на печењето. По потреба, преливајте го пилето и зеленчукот во тавата, со пилешка супа од коцка или со вода.