Дојде време од Буџетот да се одвојува повеќе за камати за кредити отколку за социјалните случаи

Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, во интервју за „Независен весник“ вели дека земјава е пред должничко ропство. Еден од индикаторите за такво нешто е дека годинава ќе се потрошат речиси 300 милиони евра за камати на кредити, што се повеќе пари отколку што се одвојуваат за сите социјални надоместоци за сиромашните во државата

Вториот индикатор што го плаши е што со новите задолжувања, вклучувајќи го и тоа од Унгарија, јавниот долг ќе достигне 68% од Бруто домашниот производ

При секоја промена на власта, новите функционери велат дека нивните претходници оставиле пустош во финансиите. Вака некако почнува интервјуто на „Независен весник“ со Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, во кое се дебатира ребалансот на новата власт, но и генералната состојба во јавните финансии.

Но, додава набрзо Јовановиќ, објективно гледано состојбата не е добра. Не од сега, туку со деценции. Па, според него, не било работа на министерката да го констатира она што сите го знаат, туку да понуди решенија. Според Јовановиќ, при најавата за ребалансот, не чул такво нешто.

„Од сите индикатори со ребалансот на Буџетот, најстрашни се дека јавниот долг ќе достигне 68 отсто од БДП и дека за камати на кредити ќе дадеме речиси 300 милиони евра“,

вели економистот на Виенскиот институт во интервју за „Независен“

Зошто е страшно?

Со ребалансот на Буџетот, власта предлага тој да порасне од околу 5,5 милијарди евра на околу 5,9. Тоа значи дека за неполни шест месеци, треба да се најдат уште околу 400 милиони евра. Власта, според предлогот за ребаланс, тврди дека 130 милиони евра ќе ги најде преку екстра собрани даноци. Разликата, пак, меѓу сумата што се планира да се потроши и сумата што реално може да се обезбеди се нарекува дефицит и вообичаено се покрива со позајмици.

Бранимир Јовановиќ

„Макроекономските проекции за економскиот раст и инфлацијата се реални, во линија со проекциите на нашиот институт. Ние проектираме раст од 2% и инфлација од 3.5%, што е скоро идентично со ова што го објави министерката. Фискалните проекции мислам дека им се малку преоптимистични, особено на приходната страна – не гледам што би довело до 130 милиони евра повисоки приходи, кога приходите во првите пет месеци се за нијанса послаби од претходно проектираните. Затоа, мислам дека дефицитот ќе биде повеќе од најавениве 4,9 %, веројатно накај 6%.

Од друга страна, растот на расходите е очекуван – владата мора да троши, за да оствари дел од изборните ветувања. Така што, сè на сè, јас не сум изненаден од овој ребаланс. Поголемо прашање за мене е каков ќе биде наредниот буџет, кој ќе биде во целосна контрола на новава влада. И се плашам дека и тој ќе има висок дефицит, затоа што најавите за повисоки пензии и другите изборни ветувања бараат пари, кои можат да се обезбедат само ако владата воведе прогресивен данок или зголеми некои други даноци. Но, такво нешто нема во најава, така што, не гледам како би можел да се намали дефицитот“,

вели Јовановиќ за „Независен“.

Кои се последиците од ваквата политика, особено ако продолжи и со Буџетот за следната година? Јовановиќ одговара:

„Од сите индикатори кои беа објавени со ребалансов, најстрашни ми беа два. Првиот е дека јавниот долг на крајот на годината ќе достигне 68% од БДП, од 58-те проценти колку што изнесувал на крајот на првиот квартал. Таков раст, од 10 процентни поени, во рок од една година, Македонија имала само еднаш – за време на пандемијата. Со тоа што тогаш знаевме зошто се земаат тие пари – за да се справиме со пандемијата, за да им се помогне на фирмите и слично, а сега тоа не го знаеме.

Вториот загрижувачки индикатор е дека за камати на кредити оваа година ќе дадеме скоро 300 милиони евра. Тој износ пред да дојде Груевски изнесуваше околу 40 милиони евра, во негово време се зголеми на 140 милиони, потоа во првите неколку години од владеењето на СДСМ дури и малку се намали, на 120-130 милиони, за потоа со пандемијата пак се зголеми на околу 200 милиони, и еве сега ќе достигне и 300 милиони. Само за споредба, тоа се повеќе пари отколку што даваме за сите социјални надоместоци за сиромашните во државата.

Така што, последиците од неодговорните фискални политики се многу реални и опасни – своевидно должничко ропство, во кое сè повеќе државни пари се даваат за камати на кредити, наместо да се даваат за вистинските проблеми со кои се соочуваме како држава“,

вели Јовановиќ.

Целото интервју прочитајте го на следниот ЛИНК.