„Договорот со Бугарија не предвидува измена на Уставот“, Сиљановска одржа предавање во Загреб за парадоксите на македонските интеграции во Европската Унија.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на предавањето посветено на „Парадоксите на македонските евроинтеграции“ на Правниот факултет во Загреб, истакна дека граѓаните на Македонија имаат јасен став: околу 80 отсто од нив не се согласуваат со измена на Уставот, додека речиси 70 отсто се за членство во Европската Унија. Оваа ситуација создава комплексна дилема за политичарите, кои треба да го усогласат гласањето на народот со меѓународните обврски.

Таа посочи дека историјата покажува дека Македонија е способна да презема значајни, но и тешки одлуки, потсетувајќи на фактот дека е единствената земја која го смени своето име. Сиљановска нагласи дека во дипломатските односи постои обврска за почитување на договорите, но тоа не значи дека секој договор може да наметне промени во Уставот. Според неа, мора да се одржи духот на соработката, без да се нарушуваат домашните правила.

„Членот 7 вели: ако членка на ЕУ ги крши основните принципи, третина од членовите, третина од европските пратеници или самата Европска комисија може да иницира постапка за ограничување на правото на одлучување. Ова беше случајот со Унгарија и Полска. Сега чекаме, не знам која е причината, но моментот е важен. Поради неизвесноста во светот, не разговараме само за проширување на ЕУ, туку и за нејзината безбедност. Можеби повторно ќе имаме мигрантска криза, а портата е отворена. Разбирам и имам емпатија кон Украина и Молдавија, но зошто и нас да не ни се дозволи да преговараме технички?“ – истакна таа.

Прочитајте и:  Најжестоката Хрватка ќе ги „запали“ навивачите во САД

Сиљановска продолжи: „Ако ги анализирате заклучоците за Албанија, Црна Гора и за нас, ќе забележите разлики. Заклучоците обично се општи, но нашиот нагласува спроведување на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Нема проблем со спроведувањето, но договорот е двостран документ и што е со другата страна? Во времето кога силните прават што можат, слабите мораат да се ограничат.“

Таа истакна и дека во договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година нема спомнати уставни измени, потсетувајќи дека такви прашања не можат да се воведуваат преку неформални протоколи, без согласност од парламентот. „Не може двајца министерa за надворешни работи, во улога на конзули, да менуваат договори. Тоа е спротивно на правните принципи. Не ми е јасно како такви одредби станаа дел од преговарачката рамка со ЕУ,“ додаде таа.

Според неа, постои ризик преку протоколите да се отвораат нови прашања кои не се поврзани со Копенхашките критериуми, туку се мешање во внатрешните работи на државата. Поради ова, Сиљановска укажа дека е важно да се најде баланс меѓу почитувањето на домашните институции и меѓународните очекувања.