Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до родителите да преземат дополнителни мерки за заштита на доенчињата и малите деца, кои се особено чувствителни на високите летни температури.
Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце, особено во периодот од 11 до 17 часот, а престојот да биде во сенка или во разладени простории.
Родителите треба да обезбедат редовен внес на течности, согласно возраста и начинот на исхрана на детето, како и да изберат лесна, светла облека од природни материјали и капа со широк обод. Кај доенчиња помлади од шест месеци не се препорачува употреба на крем за сончање.
Од Институтот советуваат да се ограничи физичката активност во најтоплиот дел од денот и внимателно да се следат можните знаци на прегревање и дехидратација
Посебно се нагласува дека детето никогаш не смее да се остава само во паркирано возило, ниту за кратко време, па дури и кога автомобилот е паркиран во сенка, бидејќи температурата во возилото може брзо да достигне опасно високо ниво.
– Обрнете внимание ако детето е невообичаено раздразливо или поспано, има изразена жед, сува уста, намалено мокрење, слабост, главоболка, вртоглавица, гадење или повраќање, забрзано дишење или покачена телесна температура. Доколку детето има многу висока телесна температура, е збунето, има нарушена свест, изразена поспаност, грчеви или неговата состојба брзо се влошува, веднаш побарајте итна медицинска помош, предупредуваат од ИЈЗ.




