Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, повторно ги предупреди жителите на Техеран, особено оние кои живеат во близина на објектите на режимот, да се евакуираат.
„Денеска продолжуваме со нашите напади на цели поврзани со режимот, вклучувајќи воени локации во Техеран. Изведовме напади и вчера на Дирекцијата за пропаганда и поттикнување. Жителите на Техеран, избегнувајте опасност и не бидете заложници на диктаторот, кој ве користи за да остане на власт. Долгата рака на Израел ќе ги стигне сите непријатели, без разлика на местото“, изјави Кац.
Во меѓувреме, иранската државна новинска агенција ИРНА извести за нов бран ракетни напади насочени кон Израел, со проектили истрелани во разни делови на земјата.
Пред тоа, сирените за тревога се огласија во централниот дел на Израел, по лансирањето на балистички ракети од Иран. Израелските безбедносни сили (ИДФ) ги предупредија граѓаните само пет минути пред да се активираат сирените да се засолнат.
Израелските власти соопштија дека во последниот ирански напад нема повредени лица. Според информациите од ИДФ, на централниот дел на Израел биле истрелани помалку од десет проектили, од кои повеќето биле успешно пресретнати.
Израел продолжува со нападите на иранските воени и нуклеарни објекти и денес, петти ден по ред. Во северниот дел на Техеран и во Исфахан се чуле силни експлозии.




