Добро утро, Скопје …

Скопје утрово се наоѓа на 9-то место на листата на „IQAir“, платформа која го мери квалитетот на воздухот, со индекс на загаденост од 165. Главниот град на Македонија, Скопје, во моментов е најзагадениот град во Европа, според податоците од оваа специјализирана страница.

На светско ниво, прв на листата на најзагадени градови е Делхи во Индија, следен од Лахор во Пакистан, Акра во Гана, Багдад во Ирак, Кабул во Авганистан, и градовите Вухан и Ченгду во Кина. Дака во Бангладеш е осми, додека Скопје е на деветтото место.

Во регионот, Приштина е на 19. место, Белград на 25. место, Софија на 44. место, а Атина на 61. место.

Пред десетина дена, во организација на иницијативата „Зелен хуман град“, во Скопје се одржа протестен марш против аерозагадувањето. Од иницијативата повикаа на итно и системско справување со загадувањето преку ефикасни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференцијата за квалитет на воздухот одржана пред два дена во Скопје, изјави дека загадениот воздух годишно предизвикува смрт на околу 2.800 граѓани во земјава. Жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички во споредба со граѓаните на Западна Европа.

Иако е постигнат одреден напредок од 1990-тите години наваму, загадувањето на воздухот останува сериозен проблем. Паолучи нагласи дека чистиот воздух е од клучно значење за одржливиот развој.