Џеко би можел да потпише со Јувентус.

Јувентус се наоѓа пред сериозни предизвици во нападот, а италијанските медиуми интензивно дискутираат за потенцијални решенија. Отсуството на Душан Влаховиќ, кој не ќе игра до март, значително ги нагласи недостатоците во напаѓачката линија на тимот предводен од Лучијано Спалети, бидејќи ни Дејвд ни Опенда не покажаа доволно за да бидат адекватни замени.

Спортскиот директор Отолини активно бара нови засилувања во јануарскиот преоден рок. Покрај веќе споменатите имиња како што се Матео Пелегрино од Парма и Лоренцо Лука од Наполи, се појави и неочекувана опција — Един Џеко, пишува „Тутоспорт“.

Иако наскоро ќе наврши 40 години, напаѓачот од Босна и Херцеговина, кој е на работ на заминување од Фиорентина, се смета за идеално решение за краткорочен период од шест месеци.

Оваа опција би му донела на Јувентус не само искуство, туку и потребното присуство во шеснаесетникот, а тренерот Спалети навести дека силно би ја поддржал.

Трансферот би бил поткрепен со длабоката врска и почитувањето помеѓу Џеко и Спалети, кој веќе има успешно минато со него.

Сепак, весникот од Торино ја карактеризира оваа можност како „екстремна опција“, инспирирана повеќе од потребата за искусен играч, отколку од долгорочна стратегија. Според нив, оваа трансакција би можела да се оствари единствено ако не успеат другите, првични опции за Јувентус.

Фото/ freerangestock